Пандев: Ова е најсилната Македонија во историјата, со најдобриот селектор!

Македонската фудбалска репрезентација по три победи во најслабата Д-дивизија во Лига на нации е со една нога во плејофот за пласман на Евро 2020, па утре попладне од 18 часот во Ереван ќе се обиде да ја продолжи победничката серија и практично да го завери првото место.

Капитенот на репрезентацијата Горан Пандев, кој е на три меча до јубилејните 100 во репрезентативниот дрес, не ги штетеше пофалбите за тимот кој го предводи на теренот, како и за селекторот Игор Ангеловски, па посочи дека ова е најдобрата Македонија во историјата со најдобриот селектор.

„На чекор сум до јубилејот сто меча за репрезентацијата и горд сум поради тоа. Верувам дека ќе го остварам, но јас многу повеќе се радувам дека што сега имаме една силна репрезентација, би рекол најсилна Македонија во историјата, која е предводена од најдобриот селектор. Моите настапи исто така се одлични и верувам дека можеме да играме на Евро 2020“, рече Пандев, не криејќи ги пофалбите.

Против Ерменија, црвено-жолтите одат по победа со која практично би го запечатиле првото место, иако теоретски и формално тоа ќе треба да го направат идниот месец против аутсајдерите Лихтенштајн и Гибралтар, освен ако овие две селекции во меѓусебниот меч утревечер не ремизираат.

„Имаме три победи по првите три меча и дојдовме во Ереван за да победиме и за да ја продолжиме низата. Добро ја анализиравме Ерменија, ја видовме и на првиот меч во Скопје, кога добро се подготвивме и заслижено победивме. Ќе направиме сè за да го повториме тоа и сега во Ереван. Ерменија е квалитатна селекција, знаеме дека ни се најдолем ривал во групата“, вели Пандев.

Капитенот во досегашниот тек од Лига на нации даде два гола, има две асистенции и еден изнуден пенал, што значи дека учествувал во пет од осумте погодоци досега во ова натпреварување за Македонија.