Пандев: На Евро 2021 ќе одиграме најдобро бидејќи и нема што да загубиме!

Најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев, на почетокот од месецот си ја оствари најголемата желба и тоа да игра на големо натпреварување со Македонија, откако со неговиот погодок ја совладавме Грузија во финалето од Лигата на нации во Тбилиси.

Ветеранот оттогаш е во центарот на вниманието на европската јавност, поради што даде и опширно интервју за регионалната телевизија „Ал Џазира Балкан“, говорејќи на повеќе теми поврзани со настапот на жолто-црвените на следниот континентален собир.

„Во нашата група предност имаат Холандија, Украина и Австрија, но кога играте опуштено и немате што да изгубите, можете да направите многу повеќе и да одиграте најдобро што знаете. Се надеваме дека ќе земеме некој бод и ќе ја заземеме најдоброто можно место во групата Ц “, вели Пандев.

Ветеранот се наврати и на настапите на Македонија во Лигата на нации и потенцира дека голот против Грузија за него е најдраг во кариерата.

„Без дилема, овој гол е најдраг во мојата кариера, зашто ни донесе пласман на ЕП. Во изминативе 20 години колку што играм за Македонија, се случуваа многу лоши работи и сум минал низ многу проблеми. Затоа еднаш се разделив со селекцијата, но откако Ангеловски ми го претстави својот проект, без размислување решив да се вратам“, додава Пандев.

Македонија своето деби на ЕП ќе го има на 13 јуни против Австрија, а потоа во Букурешт ќе се судри уште со Украина, додека дуелот со Холандија ќе го игра во Амстердам.