Падна Ерменија и на гости, младинците запишаа втора победа (ВИДЕО)

Фудбалерите до 21 година славеа и во вториот натпревар против Ерменија, сега на гостински терен со 2-0.

Единствената победа до денеска избраниците на Станиќ во квалификациите за Европското првенство ја имаа против Ерменија кога во Битола славеа со 2-1. Во продолежение следуваа порази од Шведска, Црна Гора, Италија и Полска.

Денеска на гостински терен уште еднаш бевме подобри со Ерменците, а до триумфот дојдовме со по еден гол во двете полувремиња.

Резултатот од пенал во финишот од првиот дел го отвори Ѓорѓиевски, додека во вториот дел на 15-тина минути пред крајот за 2-0 се погрижи Љатифи. Во самиот финиш домаќините останаа и со играч помалку откако втор жолт картон заработи Аветсјан.

Сепак, победата не значи премногу во овој циклус затоа што шансите за пласман на континенталниот собир се загубени, па така играме само за поправње на впечатокот, а во следното деветто коло ќе играме против Црна Гора на домашен терен.