Омерагиќ: Поддршката од УЕФА и Чеферин е силен поттик за развојот на македонскиот фудбал

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин денеска е во посета на Македонија, тој е тука на покана на првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја истакна важноста на посетата на Чеферин.

„Посетата на Александар Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал. Споделивме вредни информации за состојбите во фудбалот во Македонија и регионот и отворено разговаравме за клучните теми. Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, изјави Масар Омерагиќ.

„Александар Чеферин со знаење, храброст и одлучност го води европскиот фудбал низ големи предизвици во изминатите години и сите сме уверени дека и понатаму, на ист начин како досега, ќе го штити и развива европскиот фудбал. Се покажа како личност која е способна истовремено комерцијално да ги развива елитните натпреварувања на УЕФА, од Лигата на шампионите до Европското првенство, а истовремено да ја чува базата и да инвестира во развојот на фудбалот низ цела Европа. Горди сме на одличната соработка на нашата федерација со УЕФА“, додаде тој.