 
  Несторовски: Стар сум за трансфер - сакам да им помогнам на младите да се продадат
Сите билети за дуелот на стадионот „Иван Кушек-Апаш“ се распродадени, што ветува вистинска фудбалска атмосфера. Во пресрет на мечот, македонскиот напаѓач Илија Несторовски зборуваше за својата форма и за фактот не му е важно да постигнува голови, туку тимот да победува.
„Сакам да асистирам на помладите, да им помогнам да напредуваат и да се продадат. Јас веќе сум стар за трансфер – важно е тимот да победува, а сите да бидеме задоволни“, изјави Несторовски.
Искусниот Македонец се потсети и на моментите од 2016 година, кога како најдобар стрелец на лигата го напушти Интер Запрешиќ:
„Тогаш ниту еден хрватски клуб не ме сакаше. Можеби така и требаше да биде, бидејќи направив одлична кариера – играв во Серија А и на крајот повторно се вратив во ХНЛ“, дополни популарниот „Несто-гол“.
Несторовски по три сезони минати во Интер Запрешиќ и 69 постигнати гола во 90 настапи се пресели во калчолигашот Палермо, по што настапуваше уште за Удинезе и Асколи пред лани да потпише за Славен Белупо. За Македонија има 52 настапи и 10 постигнати погодоци.