Милевски: Најважен е резултатот, проблемите ќе ги решаваме во `од

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски е задоволен од резултатот против Летонија иако е свесен дека играта не беше идеална во целиот тек.

Македонија ја оствари целта, со убедливи 3-0 ја победи Летонија во Рига и ги освои планираните три бода.

„Среќен сум поради резултатот, пристапот и желбата на моите фудбалери. Од играта во одредени моменти не сум задоволен, но најважен е резултатот, проблемите ќе ги решаваме во `од. Имавме картони, повредени фудбалери, вирус, но бевме над сето тоа и победивме“, вели Милевски по мечот.

„Ова е триумф на фудбалерите, тие го заслужија. Овој тим почнавме да го градиме по оној пораз од 7-0 во Манчестер, полека ја добиваме физиономијата која ја сакам. Секогаш се залагам за нешто повеќе, но работата на тимот полека дава резултати“.

Селекторот ги пофали Елмас и Ќамили кои ги дадоа головите за Македонија во второто полувреме.

„Елмас заслужува поголема почит од сите нас, посебно од оние кои не му мислат добро на националниот тим. Тој никогаш не ја одбил Македонија. Секогаш ќе ја има мојата поддршка. Ќамили има потенцијал кој ни е потребен, тој полека се адаптира на тимот и ја оправдува довербата, ни недостасуваше таков фудбалер. Одигра одлично во нападот и во одбраната, тактички дисциплинирано“, заврши Милевски.