Милевски: Цел е да играме на ЕП и оптимист сум дека може да имаме успешни квалификации

Најуспешниот македонски селектор Благоја Милевски ќе ја води најстарата генерација на надежи во следните две години, откако во изминатата недела и официјално потпиша двегодишен договор со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), па денеска официјално беше промовиран за нов селектор на надежната селекција.

Милевски пред неполни две години го направи најголемиот успех со Македонија, пласирајќи се на Евро 2017, па по осум месеци откако замина, повторно се враќа на клупата. Денеска на промоцијата го доби дресот со број 21, како симбол дека повторно ќе ја води младата селекција во следниот циклус.

Македонија има нова добра и екстраталентирана генерација која Милевски сега со проширувањето на Евро 2021 на 16 селекции јасно и гласно ја постави целта дека е пласман на Европското првенство, но без притисок на фудбалерите дека мора да се пласираат.

„Цел секогаш мора да имаме како крајна цел. Цел е пласман на Европско првенство. Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме се ако ни се укаже шанса да играме. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и кога ќе ја видам А-селекцијата во која шест играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18-те. Тоа ми дава за право дека тој сегмент сме го поминале. Без оглед на неуспешните оследни квалификации, да не се навраќаме на тоа како размислувал македонскиот фудбалер ред 2014. Мора да градиме фудбалери кои имаат цел да играат на Европско првенство и нема веќе да градиме фудбалери кои ќе играат само за да не бидат поразени. Оптимист сум дека ќе имаме успешни квалификации“, вели Милевски.

Најуспешниот селектор истакна дека му е чест и задоволство што повторно се враќа на кормилото на младата селекција

„Ми претставува чест и задоволство што ФФМ изрази желба да соработуваме повторно. Се надевам дека ќе имаме успешна соработка во иднина. Се наоѓаме пред предизвик, кој и тоа како ќе ни значи на сите нас, а овој предизвик и личен мој. Професионалноста пред се ќе ја одликува оваа селекција, тие што ќе се прилагодат на тој начин ќе бидат дел. Имавме селективен камп во Анталија, одигравме три меча и сите добија подеднакво шанса. Горе-доле 90 отсто од фудбалерите поеднакво покажаа со што располагаат. Задоволен сум од тоа што го видов, без оглед на резултатите, задоволен сум како игравме“, потенцира Милевски.

Тој додаде дека би сакал сите расположливи сили да ги има на располагање, иако тешко за очекување е дека Елиф Елмас би бил предводник на оваа генерација, кога веќе влезе во првиот тим на А-селекцијата.

„Ние како Македонија немаме многу играчи како Елмас или Чурлинов, кои ќе ја направат таа разлика. Ако ги имаме сите тие на рапсолагање, може да се надеваме на пласман или успешни квалификации. Ќе се потрудиме ако ги немаме на располагање да го подредиме тимот и философијата на игра без нив. Со таа суперталентирана генерација имаме проблем што никој нема ни еден сениорски меч, не за Б-тим или младински. Тоа се виде во Анталија. Шпанија е изразит фаворит, но не секогаш фаворитите тоа го покажуваат на терен. Ова е група во која можеме да се надигруваме со сите. Со една посветеност на сите во У21, пред се и на фудбалерите, имаме шанси, секогаш ќе имаме. Имаме потенцијал. Ситуацијата е таква во која е лимитиран изборот на фудбалери. Ако ги имаме на располагање сите играчи, може да се надеваме на успешни квалификации“, додава Милевски.

Техничкиот директор на младинските селекции, Зоран Стратев ги истакна задоволството што Милевски повторно се враќа на кормилото на младата селекција.

„Чест и задоволство е повторно што официјално го промовираме Милевски. Знаеме каков успех имаше со репрезентацијата до 21 година и веруваме дека може да се направи истото, иако ќе биде многу тешко. Тој успех е тешко да се повтори, но самото доаѓање на Милевски ни дава за право дека може да се повтори. Ние во потешка група се квалификувавме како први, иако нема лесни групи“, рече Стратев.

Македонија на 6 јуни ќе има контролка со Финска, а се бара уште еден противник за максимално подготвени да го дочекаме стартот на квалификациите со Фарски острови.