Матеус: Не ја отпишувајте Македонија предвреме, ќе одигра добар фудбал со Италија!

Ако некој вечерва посебно го колне македонската јавност тоа е едно од најголемите имиња во германскиот фудбал Лотар Матеус, кој нѐ извлече во последниот и најтежок „фајнлфор“ турнир во овој мундијалски плејоф, сместувајќи нѐ во група со Италија за полуфиналето и евентуално со Португалија во финалето за едното место кое води во Катар.

Матеус после ждрепката посочи дека без оглед што Италија и Португалија се апсолутни фаворити, никако и никој не смее пред време да ја отпише Македонија, а очекува да одиграме добар фудбал против европските прваци.

„Каква група Ц, секако – најтешката група! Една Италија и Португалија нема да ги гледаме во Катар. Ќе биде навистина интересно на овие два меча, а не ја отпишувајте Македонија предвреме. Мислам дека Македонија ќе игра добар фудбал со Италија. Мислам дека сите видовме дека во овие квалификации Македонија ја победи Германија“, рече Матеус.