Македонските фудбалерки ги дознаа противниците за Лигата на нации

Во Нион денеска беше одржана ждрепката за второто издание од УЕФА Лигата на нации во женска категорија.

Македонската репрезентација за противници ги доби селекциите на Летонија и Косово. Ние играме во групата 6 од дивизија Ц.

„Морам да признаам дека добивме група по мерка. Се работи за противници кои ни се добро познати и со кои бевме во група во изминатите два циклуса. Мислам дека сега е вистинското време да го направиме тој чекор напред и да успееме да го освоиме толку посакуваното прво место во групата. Верувам дека можеме , умееме и имаме квалитет за такво нешто“, рече селекторот Александар Андов.

„Во следниот период се надевам дека ќе ги завршиме и преговорите околу пријателските натпревари што треба да ги одиграме и кои ќе претставуваат одлучна подготовка за предизвиците што ќе не очекуваат во новиот циклус од Лигата на нации“.