Македонската репрезентација добива засилување во нападот – од српското првенство!?

Фудбалската репрезентација на Македонија би можела да добие засилување во нападот за баражот за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Дресот на националниот тим може да го облече напаѓачот на српскиот прволигаш ТСЦ, Андреј Тодороски кој вчера ѝ ја донесе победата на својата екипа со голот против ОФК Београд (1-0). Тодороски е роден во Прилеп, но кариерата почна да ја гради во Австрија, има и пасош на оваа држава, а со оглед на тоа што таа не дозволува двојно државјанство, досега не беше во комбинација за настап за Македонија. По вчерашниот меч против ОФК Београд, тој самиот најави дека има изгледи да заигра за нашата репрезентација.

„Бев во контакт со некои луѓе во македонскиот фудбал. Во иднина можеби ќе има добри вести, а тие се – да заиграм за Македонија“, најави Тодороски во изјава за српски медиуми.

Тој има 26 години, во Австрија е од 2010, почна во Рапид Виена, но на сениорско ниво првпат заигра во Фирст Виена. Кариерата му тргна во нагорна линија откако во 2021 се пресели во Србија, прво во Спартак каде помина три години, а од лани е член на ТСЦ. Во 2018 година заигра за македонската У21 репрезентација, дебитираше против Црна Гора, но остана на тој еден меч.

Сезонава Тодороски одигра 16 натпревари за ТСЦ во српското првенство и постигна три гола и четири асистенции.