Македонската фудбалска репрезентација победнички ги затвори квалификациите, откако вечерва во Скопје со гол на Бобан Николов стигна до триумф од 1-0 против Израел во последното коло од овој циклус и првпат во историјата мрдна од вечното четврто место, па со помош на Полска, која ја победи Словенија со 3-2 го завршуваме овој циклус на третото место на табелата.

Тоа што го посакуваа македонските фудбалери денеска и го остварија, победнички го завршија циклусот, а третото место им е награда и мотивација плус, за да ја задржат добрата атмосфера и самодовербата пред мартовските клучни баражи во Лигата на нации во кои ќе ја бараме шансата против Косово (полуфинале) и Грузија или Белорусија (финале) за историски пласман на Евро 2020. 

Црвено-жолтите освоија 14 бода во овие квалификации, со четири победи, две ремија и четири порази и поради подобриот меѓусебен скор со Словенија (2-1,1-1) сме трети, иако Словенците имаат исто бодовно салдо.

Македонија вечерва заслужи да победи, зашто беше подобра од Израел, имаше извонредни шанси за уште полесна и поубедлива победа, но пресуди голот во втората минута од судиското надополнување за првото полувреме кога Бобан Николов ја искористи одбиената топка од голманот Ариел Харуш за да ја погоди мрежата.

Уште од стартот се виде желбата, агресивноста и мотивацијата на избраниците на Игор Ангеловски за триумф, па Барди имаше шанса во првата минута (биеше крај голот), следеше Елиф Елмас со шанса која Харуш му ја одбрани во втората, па уште една на средина од првиот дел, кога по корнер израелскиот голман спречи сигурен гол, за Барди после нешто повеќе од половина час да ја погоди пречката од слободен удар. Николов со шут од 18 метри крај голот во 44-та минута ја имаше петтата можност, пред да погоди во мрежата.

За разлика од Македонија, Израел играше подредено, тешко се спојуваа со топката гостите, само еднаш се заканија преку Ели Даса во 20-та минута кога излезе сам пред Столе Димитриевски, но откосо за среќа биеше само во нашиот голмам, а потоа со два шута на стартот на вториот дел најавија поамбициозна игра, но застанаа. Бирбрас Натхо биеше од 25 метри во 50-та , удар кој лесно го одбрани Димитриевски, а по корнерот Ерон Захави имаше можност со глава, но само му додаде на македонскиот чувар на мрежата.

Македонија се обидуваше да го загрози голот на Харуш, кој двапати одбрани во обидите на Николов од 18 метри во 54-та, па на Елмас откосо во 65-та минута. Тихомир Костадинов имаше шанса во 83-та минута за погодок, но лошо биеше крај голот. Иако Израел се обиде да нападне, денеска комплетната игра во дефанзива беше речиси перфектна, со ситни грешки, па гостите практично и не направија сериозна шанса за да го загрозат голот на Димитриевски.