Македонија ќе остане 65-та – Победите со Малта и Фарски Острови недоволни за напредок

Македонската фудбалска репрезентација ќе остане на 65-то место на априлското рангирање на ФИФА-листата, зашто двете победи со Малта и Фарски острови во изминатава седмица не донесоа доволно бодови за некаков напредок, објавија специјализирани страници за ранкингот на светската централа.

Црвено-жолтите ја победија Малта на мускули со 2-1 на стартот на евроквалификациите за ЕП 2024 во Германија, па славеа едвај со 1-0 во пријателски меч и за двете победи го зголемија рејтинг-контото за 7,79 поени, но тоа не донесе напредок, зашто шест помалку сме зад Исланд кој назадуваше една позиција со загубени 11,32 рејтинг-поени.

За поголем и посериозен напредок Македонија ќе мора да победи некоја далеку подобро рангирана селекција, а во јуни нѐ чекаат пресметки со Украина дома и Англија на гости во „групата на смртта“, па од оваа позиција на која се наоѓаме и на која ја завршиме минатата 2022 година остануваме до лето.

Од нашите ривали во групата Англија останува петта, а Италија на осмото место, додека Украина ќе назадува за четири позиции на 30-то место. Малта по двата порази од нас и од Италија ќе падне на 172-та позиција. Од регионов Хрватска е убедливо најдобра со седмо место, а Србија е втора со 25-та позиција.

Инаку светскиот првак Аргентина ќе биде нова најдобра светска селекција по рејтинг со напредок од едно место, пред Франција која исто така за една позиција ќе напредне, додека лидерот Бразил ќе падне на третото место со назадување за две места. Ова се единствените промени во „топ десет“, зашто други и нема, а најдобрата десет ја пополнуваат Белгија, Англија, Холандија, Хрватска, Италија, Португалија и Шпанија.

ФИФА официјалната листа ќе ја објави на 6 април.