Промена на планот: Барса сепак сезонава ќе заигра на Камп Ноу
Раководството на клубот и компанијата која ги изведува работите на Камп Ноу постигнале договор за промена на фазите на реконструкција на објектот што ќе го забрза кам-бекот. Место оваа година, поставувањето на покривот, кој опфаќа поголема и подолга работа, ќе се прави идната година, а до мај ќе се поставуваат седиштата на првите три нивоа што би значело дека пред крајот на сезоната, стадионот ќе има капацитет од околу 60 илјади места.
Барселона мора да го забрза процесот на враќање на Камп Ноу од економски причини. Освен што плаќа наем на Монжуик, клубот не може да ги планира приходите кои доаѓаат од својот матичен стадион, а не работат ни продавниците за сувенири во неговиот склоп. Во јануари 2026 година ќе почнат да достасуваат и ратите од кредитот за овој мегаломански проект поради што клубот е принуден на промена на планот.