Пике пак удри по Реал: На нив секогаш судиите им се виновни

Поранешниот капитен на Барселона, Жерар Пике не пропушти можност уште еднаш да го пецне Реал Мадрид, клуб со кој имаше многу преписки додека активно играше фудбал.

Реал преку својата телевизија последните денови постојано се жали на односот од судиите, а вчера приложи официјална жалба на делителите на правдата. На Пике тоа му беше доволно да удри по мадридскиот клуб.

„Ништо ново, тие 120 години така се однесуваат, секогаш судиите им се виновни. Кога ќе загубат, гледаат да почнат некоја друга тема, постојано медиумите им помагаат кога не оди како што треба. Навикнати сме на тоа“, изјави Пике.

И не застана тука, бидејќи ги спомна сениорските екипи на Реал Мадрид и Барселона.

„Во првенството на Шпанија има многу таленти. Кај Барса, тие излегуваат од Ла Масија, а Реал си ги купува“, додаде некогашниот стопер.