Македонија го чека датумот за дуелот со Косово, а клубовите – необичниот формат на евроквалификации!

После три месеци шпекулации, разговори,консултации денеска Европската фудбалска унија (УЕФА) конечно ќе го одржи долгоочекуваниот Извршен комитет (12 часот) и ќе донесе одлука кога македонската фудбалска репрезентација ќе го одигра историскиот и долгоочекуван дуел со соседно Косово на патот кон Евро 2020.

После две одложувања поради пандемијата со коронавирус, прво во март, а потоа презакажаниот меч во јуни, УЕФА денеска ќе ги одреди точните датуми кога репрезентативниот фудбал ќе продолжи, а приоритет ќе биде одигрувањето на баражите преку плејофот во Лигата на нации за да се комплетираат 24-те учеснички на континенталниот шампионат, кој наместо во моментов ќе се игра идното лето од 11 јуни до 11 јули.

Во изминатиов период откако двапати се презакажа баражот Македонија – Косово за кој Националната Арена во Скопје за два дена се распродаде, се појавија еден куп најави кога би можело да се игра мечот. Се споменуваа сите можни опции, од септември, октомври, ноември и последна најава која се појави во дел од островските медиуми е дека дуелот ќе се игра на 7 октомври, заедно со останатите во четирите дивизии од Лигата на нации. Финалето, пак, на кое ако победи Македонија ќе игра на гости во Грузија или Белорусија би требало да биде на 11 ноември.

Денот „Д“ за европскиот фудбал, на кој ќе се објави календарот за дигрување на оваа сезона, ама и за почетокот на следната, сосе нови термини за репрезентациите на сите нивоа, ќе го донесе точниот датум зашто и понатаму владее сериозна неизвесност околу календарот, поради отпор кај најголемите лиги и клубови за најавениот септемвриски рестарт на репрезентативниот фудбал. Македонија покрај баражот со Косово, историската шанса да игра на Европското првенство, ја очекува и втората сезона во Лигата на нации.

Вториот дел што посебно го интересира македонскиот фудбал е кога ќе почне новата европска сезона во која четирите наши претставници, за кои ФФМ и понатаму тактизира со одредувањето (лиценцирањето) ќе ја започнат летната авантура, ама тоа што веќе еден месец се најавува е дека овојпат ќе ги играат по – најнеобичен формат.

Од островот доаѓаат најави дека веќе е усогласено стартот на новата сезона во квалификациите да биде на 17 август, а една недела претходно да биде извршена ждрепката. Тоа што е сигурно е дека нема да има стриктна регионализација, но ќе се употреби метот на географската местоположба во одлужувањето на групите на тимови со носители и неносители при ждрепките. Првите три квалификациски кола секако ќе се играат во еден меч, во кој ждрепката ќе решава кој ќе биде домаќин, но се најавува дека поради различната епидемиолошка слика дури и ситуацијата во одредена земја со борбата со Ковид-19 да игра улога (најверојатно во екстремни случаи).

УЕФА нема премногу маневар за нормални квалификации зашто треба да се играат и репрезентативни мечеви, што заостанати, што според првичниот план, па затоа овој формат за евроквалификации е засега најреален, но и тој носи многу главоболки во Нион најмногу поради здравствената состојба и нејасната ситуација како ќе се одвива се во блиска иднина со опасниот вирус во државите на Стариот континент. Сето ова носи и проблеми во организацијата, но и како финансиски ќе се одрази на клубовите кои ќе патуваат....

Младата селекција очекува нови термини за квалификациите за Евро 2021, кое можно е и да се помести за 2022 година според последните најави од Германија, додека УЕФА ќе треба да ги потврди веќе од поодамна најавените фајнлејт-турнири за оваа сезона во ЛШ (Лисабон) односно во ЛЕ (Германија со финале Келн).