„Македонци тестирајте се денеска – утре ќе биде лудница!“

Македонската фудбалска репрезентација утре ја очекува втората пресметка на Европското првенство, против Украина на Националната Арена во Букурешт, па околу 5.000 наши навививачи се очекува да бидат повторно на трибините на најголемиот романски стадион.

Поради фактот што мечот со Украина се игра утре во првиот термин, од 15 часот, Фудбалската федерација на Македонија, денеска упати апел до сите навивачи уште денеска да направат брз антигенски тест на ковид-19 со цел да ја добијат потребната алка без која не може да се влезе на трибините и покрај имањето на влезница.

„Апелираме до сите навивачи и поддржувачи на македонската репрезентација кои имаат влезница за утрешниот натпревар со Украина на Националната арена во Букурешт, доколку се во можност, денеска да обезбедат алка за негативен Ковид-19 тест (задолжителна за влез на стадионот), од причина што организаторите на натпреварот очекуваат голем број навивачи на двете репрезентации да пристигнат во Букурешт во текот на утрешниот ден“, објави ФФМ.

За очекување е голем број на навивачи да дојдат од Украина, зашто Романија и Украина се соседни земји, па според проценките на домаќините се очекува најмалку три илјади навивачи на украинската селекција, па утре на Националната Арена ќе има фантастична атмосфера од навивачите на двете земји.