Косовците ургираат во ФФМ за повеќе билети од тоа што им следува според УЕФА!

Македонија на 26 март ќе го пречека Косово во првиот од двата клучни баражи преку плејофот во Лигата на нации (вториот е финалето за кое денеска ќе се дознае каде ќе се игра), а северниот сосед веќе почнал ургенции за да добие повеќе билети за своите навивачи за гостување во земјава, објави косовскиот весник „Газета Шеши“.

Косово после добриот евроквалификациски циклус во кој во претпоследниот меч во Чешка испаднаа од трката за директен пласман, владее вистинска еуфорија, па Косовците сега пробуваат да издејствуваат многу повеќе билети од првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини за многу побројни да бидат на трибините.

Засега сè уште не е познато каде ќе се игра ова полуфинале, дали во Скопје или во Струмица, каде Македонија беше домаќин во минатиот циклус во мечевите со Албанија и Лихтенштајн. Според пропозициите на УЕФА, на Косово му следи пет отсто од капацитетот на Националната Арена „Тодор Проески“, што е нешто околу 1.500 билети за своите навивачи, кои би дошле во Скопје за да ја бодрат репрезентацијата. Ако се игра во Струмица, тогаш Косовците ќе добијат уште помалку билети, зашто капацитетот на стадионот „Благој Истатов“ е петпати помал од најголемиот наш стадион.

„Би сакал да се игра во Скопје. Македонија не е селекција за потценување, но ние сме похомоген тим“, најави првиот човек на косовската федерација, Агим Адеми, кој беше присутен заедно со косовскиот селектор на мечот против Израел во вторникот.

Дуелот на Македонија и Косово ќе биде меч од највисок ризик, кој практично ќе бара сериозна организација и силна безбедност, најмногу и поради фактот што дел од албанските навивачки групи ќе сакаат да дојдат на мечот и да ја бодрат соседната држава, па затоа сè уште и нема одлука каде би се одиграл мечот. Прашање е и дали ФФМ би им излегла во пресрет со поголем број на билети, иако и самиот косовски весник потенцира дека шансите за такво нешто, да добијат над пет отсто од капацитетот е нереално

Македонија е домаќин во полуфиналето против Косово поради подоброто бодовно салдо на крајот на првата сезона во Лигата на нации, која се играше од септември до ноември лани и со тоа како втора најдобра зад Грузија, доби шанса за домашен меч во првиот плејоф-филтер. За финалето денеска во Нион, ќе дознаеме на ждрепка, дали ќе бидеме домаќини или ќе гостуваме во финалната пресметка каде ќе се вади визата за Евро 2020 со подобриот од второто полуфинале Грузија – Белорусија, кое ќе се игра во Тбилиси.