Капинковски: Оваа генерација на Македонија има голем потенцијал!
Селекторот Димитар Капинковски е задоволен од играта на неговите избраници, кои триумфираа на двата натпревари против Црна Гора со по 2-1.
„Овие натпревари ги искористивме за воигрување на екипата бидејќи следната година не очекуваат квалификации за пласман на Европското првенство. За мечевите против Црна Гора сметав на 25 играчи и сите добија шанса што за мене и стручниот штаб беше одлична можност да видиме со каков потенцијал располагаме и на што треба да посветиме посебно внимание за можеме да бележиме напредок во следните натпревари“, изјави селекторот Димитар Капинковски.
Капинковски кажа дека сите негови фудбалери се ангажирале максимално на теренот за време на мини-подготовките во Струмица.
„Сите фудбалери максимално ја искористија можноста да тренираат заедно во овие неколку дена. Задоволен сум од нивната посветеност на тренинзите, но и залагањето на теренот како и исполнување на сите задачи што ги имаа добиено пред почетокот на натпреварите. Сметам дека во оваа генерација има голем потенцијал и доколку продолжат и во иднина да работат со овој интензитет, но и со поддршка од клубовите може да се очекуваат добри резултати“, вели селекторот.
Селекторот на младите фудбалери вели дека се фокусирани на следните предизвици.
„Целосно сме фокусирани кон квалификациите што ќе се одржат во март следната година. Покрај домаќинот Холандија, противници ни се уште Фарски Острови и Молдавија. До одржувањето на турнирот ќе се обидеме да организираме уште еден собир и да одиграме уште некој контролен натпревар, кој ќе ни послужи за подобра подготовка пред главниот предизвик кој не очекува во март“, кажа Капинковски.