Што ни треба за пласман на ЕП 2020?

Македонската фудбалска репрезентација после синоќешната голема победа против Словенија со 2-1 остана во трката за директен пласман на Евро 2020, но избраниците на Игор Ангеловски допрва ги чека најтешката задача за исполнување на целта – од најтешките гостувања кај првите фаворити Полска и Австрија да освојат бодови.

После седум кола во квалификациите, Македонија е трета со подобар меѓусебен дуел од Словенија, два бода зад Австрија и пет зад Полска, која практично со една нога е веќе на ЕП. И веќе в недела (20.45 часот), разврската во овие квалификации може да стане или јасна или да има уште поголема сплетка. А, за да се направи сплетка во која Македонија би направила уште еден чекор поблизу до ЕП, нам за почеток нѝ треба и помош од Словенија.

Математиката вели дека во ваква ситуација на табелата, на Македонија ѝ требаат седум бода од трите преостанати мечеви, ама Австрија да не освои повеќе од четири. Има комбинација и со наши две победи (ако загубиме во Полска), а Австријците да освојат четири, ама и Словенците да освојат шест, но тогаш би требало среде Виена да ја прегазиме моќната селекција на Австријците и поубедливо од нашиот пораз со 1-4, која во јуни Скопје како ниту една друга селекција која гостувала нѝ одржа фудбалска лекција од учебниците.

ШТО НИ ТРЕБА:

Со Полска на гости - Пожелна е победа. Во случај на реми, ќе мора да славиме против Австрија, на патувањето во Виена. Тоа важи и ако загубиме задутре во Варшава, но во таков случај ќе се активираат и Словенците како закана, па ќе чекаме да ни се совпаднат нивните резултати. 

Со Австрија на гости - Пораз не доаѓа предвид! Реми е дозволиво само ако претходно сме победиле против Полска во Варшава, а Австријците загубат од Словенија. Победата е пожелна за што покомотни пресметки до крајот на натпреварите во групата. Може да се случи да биде неопходно да славиме барем со три разлика (или повеќе), за да го анулираме поразот од 1-4 во Скопје. Тоа само ако в недела загубиме во Варшава.

Со Израел дома - Ништо не доаѓа предвид освен победа! Ова е репрезентација против која и Полска и Австрија и Словенија земаат, речиси, максимум бодови, а во ситуација кога тоа е последен натпревар и поправен нема, само три бода со Израелците во Скопје ни бркаат работа.

Секaко, идеалната варијанта за Македонија на патот кон Евро 2020 е со три победи до крајот да си го завери пласманот на ЕП, ама освен таа варијанта има уште една. Да ја освоиме Варшава, а Словенија да ни направи услуга со победа против Австрија. Така би ги прескокнале Австријците на табелата, па гостувањето во Виена би било по растеретено, зашто ќе ни одговара и бод, а потоа со Израел дома да се бориме за виза. Но, и во една ваква добра комбинација постои уште еден услов - Полска во последното коло да не загуби дома од Словенија! Словенците имаат „сигурна победа“ со Летонија во првиот ноемвриски меч, па со победата против Австрија и „сигурните три од Рига“, не смеат да освојат повеќе од нас со трет триумф.

Во секоја друга комбинација без победа во Варшава, за Македонија сè ќе се сведе на фактот дека против Австрија ќе мора да се победи, но во такви комбинаторики влегува со шанси и Словенија од „втор план“, зашто нивна победа со Австрија исто така ги враќа во таа трка за место на ЕП, особено ако добијат „помош“ од Полска в недела против нас.

Во целиот овој математички хаос, кој веројатно после недела барем малку ќе биде појасен, има и најлоша варијанта според која ние може и практично да ги загубиме шансите за Евро 2020. Пораз во Варшава и победа на Австрија во Љубљана, практично би значело крај на нашите надежи, од причина што Австријците имаат меч со тоталниот аутсајдер Летонија во последното коло. Тешко е човек да помисли дека Австрија може да киксне во Рига, макар тие и загубиле од нас во Виена. Полска со победа на овој начин би го заверила пласманот, на а Австрија ќе ѝ треба само бод во ноември за такво нешто.

ТАБЕЛА: Полска 16, Австрија 13, МАКЕДОНИЈА 11, Словенија 11, Израел 8, Летонија 0

ПОСЛЕДНИ ТРИ КОЛА

13 ОКТОМВРИ – Полска – МАКЕДОНИЈА, Словенија – Австрија, Израел - Летонија

16 НОЕМВРИ – Словенија – Летонија, Австрија – МАКЕДОНИЈА, Израел - Полска

19 НОЕМВРИ – Летонија – Австрија, Македонија – Израел, Полска - Словенија