Израелците доаѓаат по бод(ови): Не сакаме да завршиме претпоследни!

Израел е утрешниот наш последен противник во евроквалификациите за ЕП 2020, во кој и Македонија, а и Израел ги загуби шансите за директен пласман, па преку баражите за Лигата на нации ќе бараат пласман на континенталниот шампионат.

Во пресметката на Националната Арена „Тодор Проески“, двете селекции влегуват со идентично бодовно салдо по 11 бода, со тоа што Македонија има шанса за трето место, ако ѝ помогне Полска, а Израел максимум што може да да избегне да биде претпоследна, зашто во меѓусебен дуел со Словенија е послаба, а таа нѝ бега три бода во моментов.

„„Не сакаме да завршиме претпоследни, сакаме на позитивен начин да ги завршиме квалификациите и јас верувам дека можеме да стигнеме до такво нешто“, вели фудбалерот на Селтик, Нир Битон пред доаѓање во Скопје.

Ако Македонија утре успее да го победи Израел може да се надева на најдобар свој пласман во историјата, а истовремено да му им загорчи до максимум овој циклус на Израелците, кој за нив би бил најлош во последните три децении. Поради тоа, наш триумф можно е да ја напише и оставката на селекторот Андреас Херцог, за чии резултати досега се незадоволни сите во Израел.

„Никој не сака да заврши на петтото место, тоа би бил најслаб наш пласман од почетокот на евроските квалификации во 90-те години. А, таков пласман би имал сериозно импликации и за мундијалските квалификации. Ако завршиме таму, тоа би било ужасно и голем неуспех“, вели Вили Ротенштајнер, спортскиот директор на репрезентацијата.

Според најавите од Израел, Херцог планира да направи низа промени во тимот кој истрча против Полска за да се бори да го избегне претпоследното место, а Израелците ќе се надеваат на Ерон Захави најмногу во нападот дека со гол или два ќе биде најдобриот срелец во овие квалификации. Захави има 11 погодоци, еден помалку од најдобриот засега, англиската ѕвезда Хери Кејн.