Косово се закани, Македонија не дозволи изненадување
По првите два сета се чинеше дека нашата селекција ќе дојде до лесен триумф бидејќи без проблеми дојде до водство од 2-0, но во третиот сет беше видена вистинска драма. По водството на Македонија со 5-3, Косово направи серија од 10-2 и сосема неочекувано поведе со 13-7.
Истата предноста ја имаше и во финишот, кога водеше со 23-17, но македонската репрезентација не се предаде. Освои шест поени по ред за израмнување, а потоа на разлика го доби сетот и ја прослави третата победа во овој циклус.
Никола Ѓорѓиев беше најефикасен во нашиот национален тим и воопшто на мечот со 15 поени, а Илиев додаде 11. Во вториот меч од турнирот во Приштина, Македонија утре се среќава со Израел кој досега е со максимален ефект од четири натпревари.