„Излезете насмеани, играјте слободно и затворете ги Јармоленко и Јаремчук!“

Чедомир Јаневски е македонска фудбалска легенда и еден од најдобрите македонски тренери, легенда на Вардар од шампионската генерација, член на првата македонска репрезентација, поранешен селектор, тренерот кој го напиша најголемиот клупски успех со Вардар со пласманот во Лига Европа... Популарниот Четка е аналитичар на Спорт 1, кој го анализира дебито на Македонија и вториот меч на шампионатот со Украина, кој доаѓа после воведниот пораз во завршницата од Австрија со 1-3.

Зад оваа репрезентација треба да застанеме сите и јавност и медиуми, зашто неутралната публика колку што гледам е задоволна од нашето деби, без оглед на поразот. Колку што читам по другите земји, па и тука во Јоханесбург, сите тврдат дека сме оставиле добар впечаток, дека не сме на Еуро 2020 само колку да учествуваме.

Оставивме посилен впечаток досега од една Турција, која на Италија не и направи никаоов проблем, немаше ни една шанса, практично без проблеми ги прегазија, а имав јас симпатии кон Турција зашто неколкупати ги гледав. Исто и со Русија, не одигра ништо против Белгија, истата прикаска. Хрватска, која ептен многу ја сакам после Македонија и Белгија, ништо не покажа. Така да оставивме добар впечаток, решија некои ситни индивидуални грешки и моменти, кои Австрија ги казни и сега нѐ чека меч со Украина. Тие грешки, кои се ситни, а на големи првенства се доста клучни, ќе треба да ги поправиме.

Треба да се излезе на терен и машки да се одигра, без притисок, без проблеми, чисто насмеани. Многупати се покажало дека кога играш без притисок, може повеќе да дадеш. Ништо не е загубено, Австрија е минато, и мислам дека не ни треба нешто посериозно да се менува во тимот кој играше на првиот меч.

Ако воопшто се стартува со некоја измена, тоа секако би била некоја ситна, така што тимот ќе остане да ја има самодовербата, одошто да се менуваат повеќе фудбалери, за да не се добие впечаток дека мечот е загубен со Австрија поради три-четири играчи. Очекувам без преголеми претумбации да се тргне на мечот.

Единствено нешто можеби за промена е Стефан Ристовски, иако не велам дека не може да одигра како трет стопер, туку стандардно и поприродно е да игра на својата позиција како десен бек. Не сакам да сугерирам, но можеби има уште едно друго решение за тој да дојде на својата природна позиција.

Сигурен сум дека селекторот и стручниот штаб ќе знаат што и како да подготват. Јас знам дека играчите читаат, секојдневно пратат што се пишува и не треба да ја заборавиме таа одлична атмосфера што владее во националниот тим. Затоа можеби еден дел, уште поголема поддршка, може да им биде мотив да тргнат уште посилно во претстојниот меч.

Украина треба да ја затвориме да игра по страничните позии. Јермоленко е фудбалер кој има извонредна техника и игра на констра-страна, левак е, ама игра десно и не треба да му се дозволи многу простор зашто е извонреден техничар. Со Јаремчук се одличен тандем. Јаремчук е добар работник, знае и може да даде гол, знае да задржи топка и пред сѐ влегува централно во шеснаесетник, но потоа се движи и „бега“ странично. Видовме како добро се позиционираше за голот со Холандија. Тие два играчи се во нападот и на нив посебно треба да им обрнеме внимание, да им ги затвориме сите приоди.

Од друга страна, нивна послаба алка е левниот бек, зашто има доста ситуации во кои ако дојдеме со повеќе играчи во последната зона, можеме да им направиме сериозен проблем. Голманот без оглед што имаше добри реакции против Холандија, имаше и лоши, кога многу подобро можеше да изреагира и да ја исфрли топката при првиот и третиот гол на Холандија.

Така да, не сме без шанси, но ќе мора да играме малку подобро, а притоа да не им дадеме многу простор, зашто Украинците знаат да играат.