Повремениот македонски репрезентативец, Дејан Илиев, зимава си замина од редовите на премиерлигашкиот гигант Арсенал и тоа по скоро девет години минати во овој тим, а шест месеци пред истекот на договорот.

Поради тоа, голманот денеска преку социјалните мрежи емотивно се збогува со тимот каде што израсна не само како фудбалер туку и како човек.

„Пред една деценија дојдов како дете, а сега си заминувам како маж. Ова е местото што го нарекувам дом, во кој се луѓето кои го сметам за семејство. Им благодарам на луѓето од Арсенал за добиената шанса и за дадената поддршка. Ми беше чест да работам со најдобриот стручен штаб и со најдобрите соиграчи. Еднаш 'топчија', засекогаш 'топчија'“, напиша Илиев.

Арсенал и Илиев ја прекинаа соработката со цел македонскиот голман полесно да си најде нов клуб, каде што ќе ја продолжи кариерата. Тој беше трет голман на „топчиите“ и седеше на клупата во финалето во Баку во Лига Европа во 2019 година, каде што Арсенал загуби од Челси во пресметката за трофејот со 1-4.

Илиев е младински македонски репрезентативец, дел од златната генерација која играше на Еуро 2017, но не настапи на ниту еден меч поради повреда на коленото. Потоа беше дел и од сениорската репрезентација.