Германците тврдат: За Елмас нема иднина во Лајпциг – летово сигурно ќе си замине!

По неубедливиот престој во Бундеслигата, каде што одигра само два меча во првиот состав, Елиф Елмас (25) се очекува летово дефинитивно да го напушти тимот на Лајпциг.

Според германските медиуми (види ТУКА), Македонецот по позајмицата во Торино не планира да остане перманентно на северот од Италија, туку сака да напредува во кариерата. Елмас пристигна во Лајпциг во јануари 2024 година со големи очекувања – договор до 2028 година и трансфер од околу €23–25 милиони. Но, тој доби само 16 настапи во сите натпреварувања, во кои не постигна ниту еден гол. Лајпциг минатата зима се реши за позајмица до Торино со опција за откуп од 18 милиони евра.

Македонскиот репрезентативец блесна во Серија А, каде што на 13 средби постигна четири голови, со што си ја зголеми вредноста на фудбалскиот пазар. Торино е задоволен од неговиот учинок и сериозно размислува за активирање на откупната клаузула, но главен проблем им е желбата на Елмас да игра во тим кој би имале далеку поголеми амбиции.