Фудбалерчињата од Детската лига бесплатно ќе го гледаат мечот Македонија-Белгија!

Сите деца кои беа дел од финалето на Детската лига и кои учествуваа во проектот „Ајде на фудбал“ ќе имаат бесплатен влез на источната трибина од Националната арена „Тодор Проески“ за натпреварот меѓу Македонија и Белгија.

Оваа одлука е донесена на иницијатива на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, како израз на благодарност и признание за ангажманот на над 2.000 деца од 96 екипи што учествуваа во финалниот турнир на Детската лига, како и речиси 1.000 ученици вклучени во училишниот фудбалски проект.

„Преку оваа иницијатива, испраќаме порака за поддршка на младите таленти и уште повеќе да ја поттикнеме љубовта кон фудбалот и ентузијазмот на најмладите за македонските национални селекции“, велат од ФФМ.

Средбата помеѓу Македонија и Белгија е во склоп на третото коло од квалификациите за СП 2026 и ќе се одигра в петок со почеток во 20.45 часот.