Фенербахче си направи проценка: Елиф Елмас ќе вреди – 50 милиони евра!

Турскиот гигант Фенербахче проценил дека македонскиот бисер Елиф Елмас ќе вреди 50 милиони евра, откако младиот фудбалер од Работнички се согласи за трансфер во жолто-сините, но Турците сега чекаат одлуката од ФИФА и УЕФА околу неговата регистрација поради тоа што е малолетен.

Генералниот секретар на Фенербахче, Махмут Услу за турските медиуми потенцирал дека ангажманот на Елмас во Истанбул е голема работа, затоа што младото момче ќе вреди 50 милиони евра.

„Елиф е дијамант, за него имаше многу додворувачи. Многу клубови сакаа да го ангажираат. Тоа е играч од 50 милиони евра.Ние на пример имаме играч како Огуз Кан кој вреди 15 до 20 милиони, но од Елмас може да очекуваме 50 милиони евра. Тој може да стигне до таа сума. Затоа ние сме трпеливи со него, затоа и чекаме што ќе каже УЕФА“, изјави Услу.

Фенербахче испрати писмо до ФИФА и УЕФА околу регистрацијата на македонскиот фудбалер, затоа што тој ќе наполни 18 години пред крајот на септември, а тогаш ќе биде завршен преодниот рок во Турција, па ќе може да дебитира за Фенер дури од јануари. Фенербахче најави дека ако стигне негативен одговор од Цирих и Нион, Елмас ќе ја мине есенската полусезона во младинскиот состав на турскиот гигант.

Македонскиот фудбалер дебитираше за сениорите против Шпанија, откако Турција сакаше да го „лапне“, а играше и за младата репрезентација на Европското првенство во Полска во јуни годинава. Фенербахче за Елмас ќе плати само тренинг-компензација од околу 300 илјади евра на Работнички, а ќе очекува голем профит во иднина.