Де Бур: Македонија не е тим што така лесно се победува – го видовме тоа!

Селекторот на великанот Холандија, Франк де Бур посочи дека без оглед што Македонија е елиминирана од Евро 2020, свесен е дека ги чека тешка задача за да победат на утрешниот меч во Амстердам во третото коло на континенталниот шампионат.

Холандија после две победи е веќе осминафиналист и сигурно првопласирана, но Де Бур посочи дека сака победничката серија да продолжи, ама свесен е дека Македонија нема да се откаже од идејата да ги победи или во најмала рака да стигне до прв бод на Европските првенства.

„Македонија е елиминирана, ама јас знам дека ќе дадат сѐ за добар резултат. Тие се дел од Евро 2020 и сакаат многу повеќе од само учество, сакаат бодови, сакаат победа или најмалку реми, па сигурно е дека ќе се борат и ќе се обидат тоа да го направат. Ние на мечот многу сериозно му пристапуваме, зашто добро ја знаеме Македонија. Не е тоа тим што така лесно се победува. Ги видовме со Германија кога победија со 2-1, а ги видовме и со Австрија и Украина, кои ептен тешко успеаа да ги победат. Затоа знам дека не чека тежок меч“, вели де Бур.

Холандскиот селектор посочи дека „лалињата“имаат простор за напредок без оглед на двете победи со 3-2 против Украинците односно 2-0 против Австријците, па најави дека против Македонија ќе бара многу подобра игра со поседот и поголем притисок врз противникот.

„Имавме ние добри моменти и со Украина и со Австрија, но имаме голем простор за да се поправиме, посебно во нападот. Сѐ може да поправиме, од начинот на игра во одбраната, во позиционирањето, читањето на противникот, па сѐ до враќањето после загубена топка. Исто така и брзото одземање на топка со притисок од противникот. На пример со Австрија моравме многу подобро да играме со поседот и да имаме поголем притисок, па овие работи сакам да ги видам против Македонија“, додаде Де Бур.

Тој сѐ уште не расчистил дали ќе продолжи со истата формација 3-5-2 или ќе се врати на традиционалната 4-3-3, иако медиумите најавија дека ќе продолжи со доста критикуваниот систем со кој веќе запиша две победи.

„Имам јас некои нови идеи кои со Македонија сакам да ги примениме, но основните првични идеи се непроменети. Ќе видиме, можеби ќе играме и со 4-3-3, ама овој систем што го користам ја покажа сета наша креативна страна и со неа ја пресретнуваме тактиката на противникот. .Знам дека ние сакаме победа на овој меч, а потоа ќе видиме со кого ќе се соочиме во следната рунда, каде нѐ чекаат уште потешки ривали. Наша цел е да играме на највисоко ниво што е можно повеќе и да стигнеме што е можно подалеку“, заврши Де Бур.