Билети за мечот со Косово нема да се продаваат онлајн на интернет!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вчера ја објави цената на влезниците за историскиот меч на Македонија со Косово на 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“ во полуфиналето од плејофот за пласман на Евро 2020, па навивачите ќе може да набават билет за 300 и 400 денари за двете најголеми трибини – северот и југот.

ФФМ ја даде западната трибина на македонските навивачи групи, кои првпат комплетно се обединија и ќе навиваат од оваа трибина за да бидат 12-ти играч кој ќе ги води избраниците на Игор Ангеловски кон финалето во баражот и завршната шанса за билетот кој носи историски настап на Евро 2020 низ Европа. Источната трибина, пак, е резервирана за гостинските навивачи, меѓу нив и навивачите на Шкендија, кои ќе бидат патем обезбедувани и од косовска полиција која доаѓа во координација и после потпишан меморандум за соработка со македонското МВР.

Но, за разлика од сите досегашни мечеви на македонската селекција за која навивачите можеа да си купат билет преку интернет, за овој меч нема да има таква можност. Онлајн продажба нема да има за мечот со Косово, објави „Спорт Прес“, а сето тоа е од безбедносни причини, па навивачите ќе може да купуваат само на билетарата на Арената, додека за навивачките групи билетите ќе се купуваат преку фудбалските клубови кои ќе добијат одредена алокација на влезници според потребите на секоја навивачка група.

За сите навивачи, билет ќе може да се купи исклучиво со лична карта, а тоа важи и за косовските навивачи, кои ќе добијат влезници преку Фудбалската федерација на Косово (ФФК), а таа ќе ги испрати сите списоци со податоци од важечки документ за секој гостин што ќе допатува во Скопје.

Засега нема точна бројка колку влезници ќе добијат Косовците, но сооглед дека целиот Исток е достапен за нив, бројката ќе надмине повеќе од 3.000 гледачи, со тоа што од безбедносни мерки крајните делови ќе бидат празни како еден вид тампон зона.

Уште пред Нова година од ФФМ најавија дека организацијата на историски најважниот меч за Македонија, кој истовремено е историски и најризичен ќе ја надмине организацијата на Суперкупот на УЕФА во 2017 година, па поради многуте ризици ќе бидат преземени највисоки безбедносни мерки околу пристапот и обезбедувањето на стадионот, за што ќе се грижи исклучиво полицијата.

Мечот Македонија – Косово се игра на 26 март од 20.45 часот, а победникот од овој дуел ќе гостува во Грузија или Белорусија кај победникот од второто полуфинале на овие две бивши советски републики и победникот од тоа финале ќе ја добие визата за историски настап на Евро 2020.