Ангеловски: Ништо не сме направиле со ова трето место, допрва ни следи најважното!
Македонскиот селектор Игор Ангеловски, посочи дека не е најзадоволен од бодовното салдо, иако го радува третото место, зашто пропуштени се бодови кои можеби ќе ни донесеа во ваква група и пласман на ЕП.
„Не игравме во 'најлесната група', зашто не е лесна кога ги имаш Полска, Австрија, Словенија, селекции кои се со изедначен квалитет. Ние успеавме да бидеме трети, но од сè што се случуваше на мечевите – не сум задоволен. Требаше да победиме во Израел, во Словенија, со Полска во Скопје не требаше да загубиме. Нѝ избегаа бодови, со кои можеби ќе бевме во ситуација да играме на Евро 2020. Јас се надевам дека во следниот циклус квалификации ќе бидеме втори, но ова трето место е награда за овие фудбалери, зашто заслужија да бидат подобро пласирани. Но, ние ништо не сме направиле. Сега следи најубавото и најважното – да се избориме за Евро 2020“, рече Ангеловски.
Македонскиот селектор посочи дека до март, кога следуваат клучните мечеви со Косово во полуфиналето и потоа евентуалното финале со Грузија или Белорусија, посакува да не се соочи со проблеми како во овој циклус, кога на секој меч имаше по некој што недостига од првотимците.
„Јас посакувам до март да не ни се случи тоа што го имавме во овој циклус, во серија на стандарни првотимци да отпаѓаат од мечевите поради повреда. Да, поради тие повреди, ние добивме неколку други фудбалери, со кои ја зголемивме конкуренцијата. Но, посакувам до тогаш сите да се здрави, сите да играат, да се во форма. Ако бидеме на такво ниво, можеме да го минеме Косово, да играме финале и да се бориме за ЕП“, рече Ангеловски.