Ангеловски: Го ставив националниот пред личниот интерес!

Старо-новиот селектор на Македонија, Игор Ангеловски повтори дека го ставил националниот пред личниот интерес за да остане на кормилото на Македонија откако му заврши претходниот договор на крајот на минатата година.

ФФМ денеска објави дека е постигнат договор со Ангеловски за тој да ја води Македонија на Евро 2021.

„Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа. Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката. Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава“, изјави селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски.