Алиоски: Не слушнав што ми вика Арнаутовиќ, по мечот ми се извинуваше!

Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ денеска двапати му се извини на македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски поради инцидентот кој се случи во завршницата од мечот меѓу Македонија и Австрија (1-3).

Арнаутовиќ го постигна третиот гол за Австрија, по што нешто му се нафрли на Алиоски, но откако се смирија страстите, тој реши да се извини најпрво преку медиумите, а потоа и преку социјалните мрежи со порака на македонски и албански јазик.

„Кажа нешто, но не можев да го слушнам затоа што публиката славеше во тој момент. Зборувавме по натпреварот и се смиривме. Тој дојде по мечот во нашата соблекувалната, ми подаде рака и ми се извини. Арнаутовиќ дојде како пријател, зборувавме на германски и се разбравме на крајот“, открива Алиоски.