Зовре атмосферата во Јунајтед: Аморим во војна со управата на клубот

Манчестер Јунајтед не успеа да забележи победа вчера и ремизираше на гостински терен против Лидс.

Домашниот тим беше тој што поведе, но гостите успеаја да израмнат и на крајот натпреварот заврши нерешено. Иднината на Рубен Аморим во Манчестер Јунајтед по овој меч е доведена во прашање, првпат откако во ноември 2024 година го презеде тимот. Според британските медиуми, нарушениот однос на Аморим со спортскиот директор Џејсон Вилкокс ја доведува во прашање неговата позиција во Јунајтед на долг рок.

Аморим на прес-конференцијата нагласи дека верува дека треба да му се дадат поголеми овластувања и рече дека сака да биде менаџер на Манчестер Јунајтед, а не тренер на клубот. Фрустрациите на Аморим наводно зовреа откако челниците на Манчестер Јунајтед, вклучувајќи го и Вилкокс, го повикаа да биде тактички пофлексибилен.

Нервозниот Аморим посочи дека ветувањата дека ќе му бидат одобрени средства за засилувања во јануарскиот преоден рок се прекршени и дека овој клуб нема да биде активен оваа зима. Наводно, Аморим бил повеќе за опцијата да го доведе Воткинс на врвот на нападот минатото лето, а не Шешко, кој досега се мачеше да се адаптира на англискиот фудбал. Јунајтед беше еден од клубовите што се обидоа да го убедат Семенјо да се пресели на Олд Трафорд, но тој на крајот го избра Манчестер Сити.

Досега Аморим ја имаше поддршката од управата и покрај лошите резултати откако ја презеде менаџерската функција, но изгледа работите се менуваат откако полека почна станува јасно дека и оваа сезона тешко ќе се освои трофеј.