Зошто Нејмар ќе оди во Реал Мадрид

Јавна тајна е дека најскапиот светски фудбалер Нејмар не е задоволен во Париз и дека многу брзо неговиот следен клуб ќе биде најтрофејниот светски клуб Реал Мадрид. Ако сте помилиле дека е за слава и многу трофеи, близу сте до одговорот, но тие се „споредни“. Во преден план се – многу пари.

Нејмар дојде во Барселона пред пет години, за трансфер кој предизвика бура и по кој „летаа глави“. Трансферот заглави во судските ходници под сомневање за перење пари, затајување на данок, па во изминатите пет години, од официјалните 53 милиони евра трансферот стигна близу 200 милиони, за кои сè уште се водат судски постапи за докажување дека Каталонците му платиле на Сантош многу повеќе од јавно објавените информации, само за да извиси бразилски инвестициски фонд кој имал удел во сопственоста на бразилската ѕвезда.

Но, зошто Нејмар го одбира баш Реал Мадрид како следен чекор во кариерата? Според каталонски „Мундо Депортиво“, трансферот е многу умно смислен, а за крајна цел има создавање на бренд кој треба да донсе многу пари.

Според каталонскиот спортски весник, совршено испланираниот трансфер води кон тоа Нејмар во брзо време да стане најдобар светски фудбалер. Повеќе од јасно е дека за такво нешто ПСЖ не е доволен, иако францускиот гигант создаден со арапски милијарди има и тоа како конкурентен тим за трофеи. Но, француската Лига 1 е во длабока сенка на шпанската Ла Лига, а сè се поклопува и со желбата Нејмар да се врати во Шпанија, каде животот му бил поубав.

Нејмар замина во ПСЖ за 222 милиони евра и тоа со „дриблинг“, откако сам си го откупи трансферот со чек, кој го добил од Катарците, како дел од својата инволвираност како петгодишен амбасадор на Катар за Мундијалот во 2022 година. На хартија, ПСЖ е чист, па затоа и парижаните не стравуваат многу од финансискиот фер-плеј на УЕФА. Трансферот во Париз според „Мундо Депортиво“ е почеток на создавањето на тој суперсилен бренд Нејмар. Одлуката за ваков гигантски трансфер, не е чисто спортски, туку тој е дел од бизнис-проект во кој Бразилецот е ставен како производ во светот на спортот и забавата.

Гигантскиот трансфер и платата од 40 милиони евра годишно е почеток кон неговото искачување кон врвот. Но, за да биде на самиот врв потребна му е - „златната топка“. Затоа и Реал Мадрид е идеалната опција. Прво затоа што преку мадридскиот великан патот до најславната индивидуална награда е полесен, а второ затоа што неговото доаѓање ќе турне во заднина еден од своите големи конкуренти Кристијано Роналдо. Се верува дека Нејмар ќе го потисне Роналдо во Мадрид, ако дојде во „кралскиот клуб“. Втора опција секако е Мундијалот во Русија, каде Бразил ќе атакува на шестата светска титула, а тоа е уште една шанса веќе годинава да стигне до толку посакуваната награда.

Шпанската Ла Лига на Нејмар и тоа како му одговара. Прво затоа што е многу повеќе во фокус на вниманието во однос на Лига 1, а второ затоа што според карактеристиките и игрите тој и тоа како би бил во фокусот на светската јавност далеку повеќе од тој што го има во ПСЖ.

Трофеите и наградите на брендот кој треба да достигне кулминација во иднина, значи многу милиони во касите на најголемите корпорации. Негово доаѓање во Мадрид секако би значело бум за Адидас во продажбата на дресови и друг рекламен материјал. Неговиот спонзор Најк, пак, најмалку за трипати би ја зголемил продажбата на своите продукти со заштитно лице Нејмар, кој веќе сега им носи голема заработувачка на Американците. Вече пресметале дека неговата популарност на социјалните мрежи има милионска вредност од неговото „рекламирање“ на продукти, па Најк од еден пост заштедува половина милион евра. Според пресметката само за јануари, ако Најк се рекламирал на социјалните мрежи ќе потрошел 34 милиони евра. Сега замислете во дресот на Реал Мадрид, како најдоар светски фудбалер, колкаво зголемување на приходите би имале сите инволвирани.

Најавата е дека Нејмар за преку 250 милиони евра ќе дојде на „Сантјаго Бернабеу“, дека ќе има 50 милиони евра плата. За Реал тоа е голем финансиски проект, ама нема да биде изненадување ако ТВ-правата барем задвојно се зголемат, а во касата за една година од тие права се влеат пари како за цел трансфер. А, каде се приходите од кампањи, маркетинг...

Повеќе од сигурно е дека веќе на лето може да го видиме новиот најскап трансфер на сите времиња. Сите во Шпанија веќе се убедени за неговото доаѓање