Затоа е на врвот: Јувентус за плати издвојува двојно повеќе од Интер (ФОТО)

Италијанскиот весник „Газета дело спорт“ денеска ги објави буџетите за плати на италијанските фудбалски клубови. Очекувано на врвот е тимот, што доминира во Серија А изминативе осум години - Јувентус. 

„Старата дама“ има годишен буџет за плати од 294 милиони евра. Очекувано најголем дел од овие пари одат на сметката на Кристијано Роналдо, кој инкасира 31 милион евра. Втор најплатен играч е Матијс де Јихт со 8 милиони евра, а потоа следат Гонзало Игуаин со 7,5 милиони и Пауло Дибала со 7,3 милиони евра.

Интер е втор на оваа листа со буџет од 139 милиони, а најплатени се новите засилувања. Ромелу Лукаку има плата од 7,5 милиони евра, Диего Годин пет милиони и Алексис Санчез исто така пет милиони евра (остатокот го плаќа Манчестер јунајтед).

Потоа следува Рома со 125 милиони евра, каде најплатен играч е Един Џеко со пет милиони евра годишна плата. Милан е четврти тим со буџет од 115 милиони евра, а Џанлуиџи Донарума е најскапо платен играч со шест милиони евра. Наполи на своите играчи им плаќа 103 милиони евра, а потоа следуваат Лацио (72 милиони), Торино (54 милиони), Фиорентина (50 милиони), Калјари (44 милиони) и Болоња (40 милиони).