Зарем е можно? „Гризачот“ Суарез мамел на тестот за добивање италијански пасош!

Италијанската полиција отвори истрага против сѐ уште фудбалерот на Барселона, Луис Суарез, под обвинение дека мамел на тестот за добивање пасош, откако предвреме ги добил прашањата на кои требало да одговори.

Уругваецот пред неколку недели се договори со Јувентус, но „старата дама“ немаше место за фудбалери надвор од ЕУ, па напаѓачот започна процедура за добивање италијански пасош и беше во Перуџа да полага тестови. Трансферот пропадна, но медиумите од Италија сега пишуваат за скандал, со оглед што се пронајдени одредени нерегуларности во тестот на Суарез па полицијата и обвинителството отвориле истрага.

Тој, наводно, однапред го добил тестот, односно биле договорено какви прашања ќе добие и какви одговори треба да даде. Дури предвреме се знаеле и бодовите кои ќе му бидат доделени на фудбалерот, кој пред неколку години беше жестоко казнет поради гризење противнички играч.