Заминува човекот кој половина век е дел од Рома - беше речиси сè!

Ерата на Бруно Конти во Рома завршува, италијанската легенда заминува во пензија по 53 години поминати во римскиот клуб.

Во текот на кариерата во Рим ги имаше речиси сите улоги: фудбалер, тренер, спортски директор, а потоа и раководител на фудбалската школа. Единствената функција што не ја извршуваше овој 71-годишник беше претседател на клубот.

Договорот на Конти истекува во јуни, а клубот нема да му понуди нов. Неговата последна улога е во младинскиот погон, каде што беше задолжен за селекција на играчи до 14 години. Легендата на Рома истакна дека нема да бара нов клуб и ќе се посвети повеќе на семејството по заминувањето. Единствено нешто кое би го натерало да продолжи да работи е понуда од репрезентацијата, меѓутоа засега ја нема.

Во Рома тој даде шанса на бројни таленти кои подоцна станаа познати имиња, некои од нив и легенди на клубот: Даниеле Де Роси, Симоне Пепе, Алберто Аквилани, Матео Политано, Рикардо Калафиори...

Сепак, најголем придонес за клубот имаше како играч. Беше клучен во освојувањето на шампионската титула во 1983 година. Со Рома освои и пет купови, а со Италија ја освои светската титула во 1982 година, кога беше прогласен и за најдобар играч на турнирот.