Винисиус „си легна на брашного“ - наскоро нов договор со Реал откако прифати куп отстапки

Бразилскиот фудбалер Винисиус Жуниор не размислува да го напушти Реал Мадрид и се чини дека решението во врска со неговиот нов договор е се поблиску.

Винисиус е свесен дека трпението на претседателот Флорентино Перез полека се исцрпува, поради што решил да направи клучна отстапка за да го обезбеди своето останување во клубот. Според шпанските медиуми, Винисиус е подготвен да се откаже од бонусот за продолжување на договорот што претходно го побара и да прифати плата од 20 милиони евра по сезона, ако тоа е последниот услов од договорот.

Последните денови имаше пресврт во преговорите. Винисиус повеќе не сака да ги затегнува односите со раководството и јасно стави до знаење дека продолжувањето на соработката е негов апсолутен приоритет. Тој го прифати предизвикот на клубот повторно да преземе клучна улога во тимот во 2026 година, поради што е подготвен да се откаже од финансиските барања што досега го забавија договорот.

Иако договорот сè уште не е официјално потпишан, во Реал постои оптимизам дека сè би можело да биде завршено во наредните денови или недели. Во отсуство на Килијан Мбапе, се очекува Винисиус да го предводи нападот и да ја прекине серијата без гол што трае веќе 14 натпревари. Оваа сезона, тој има пет гола и осум асистенции во 24 одиграни натпревари, но последен пат погоди на почетокот од октомври, против Виљареал.