Веднаш е распродадена: Мадуро уапсен во опрема на тим од Ла Лига – не е на Барса или Реал!

Еден наизглед спореден детаљ од апсењето на поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, неочекувано го привлече вниманието на јавноста – но не поради политичката позадина, туку поради облеката што ја носеше.

Фотографиите кои се појавија на социјалните мрежи брзо станаа вирални, откако корисниците забележаа дека сивата тренерка со црни детали што ја носеше Мадуро речиси целосно наликува на официјалната спортска опрема на шпанскиот клуб Мајорка. Станува збор за модел на спортскиот бренд „Најк“, чиј дизајн – крој, комбинација на бои и детали – е речиси идентичен со клупската тренерка на шпанскиот прволигаш. Единствената очигледна разлика е тоа што официјалната верзија на клубот го има извезениот грб на градите, додека моделот што го носеше Мадуро е без клупски обележја.

Тренерката е изработена од рециклирани материјали и е дел од одржливата линија на „Најк“. Цената на комплетот изнесува 155,98 евра – 99,99 евра за горниот дел и 55,99 евра за долниот дел. Поради огромното медиумско внимание и брзата виралност на фотографиите, овој модел за кратко време беше целосно распродаден на официјалната интернет-страница на „Најк“.