Уште еден Шмајхел замина во фудбалска пензија!
Искусниот чувар на мрежата, кој настапуваше за Селтик, откри дека е принуден да се пензионира поради сериозна повреда на рамото, која во последните месеци го оддалечи од терените.
„Кога во јуни ќе ми истече договорот со шкотскиот тим, ќе ставам крај на активната кариера. Ова е одлука која беше донесена наместо мене. Разговарав со хирурзи и специјалисти и ми кажаа дека не треба да очекувам враќање на врвно ниво“, изјави Шмајхел.
Најголемиот белег во кариерата го остави со Лестер, со кој сензационално ја освои Премиер лигата во 2016 – една од најневеројатните приказни во историјата на фудбалот. Со Лестер го освои и ФА Купот во 2021 година, а подоцна настапуваше за Ница, Андерлехт и Селтик.
За репрезентацијата на Данска има 120 настапи, поради што му се заблагодари со емотивна порака, потсетувајќи на неговите големи одбрани и настапите на европските и светските првенства. Шмајхел призна дека жалел што нема да има проштален натпревар на теренот, но истакна дека фудбалот му дал многу повеќе отколку што сонувал.
„Фудбалот не ми должи ништо. Најмногу ќе ги паметам пријателствата, луѓето и моментите што ги споделив со нив“, порача легендарниот голман.