Бизарно финале во Конференциската лига – четвртиот тим од Мадрид против петтиот од Лондон!

Финалето на Лигата на конференции носи вистинска европска фудбалска приказна, во која ќе се сретнат Кристал Палас и Рајо Ваљекано – две екипи кои не беа меѓу фаворитите на почетокот од сезоната, но стигнаа до историска шанса за трофеј.

И двата тима во своите домашни првенства не завршија во врвот на табелите, но преку европското натпреварување направија изненадувачки пробив и обезбедија финале кое веќе се смета за едно од најнеобичните во поновата историја на УЕФА натпреварувањата. Кристал Палас, кој никогаш претходно немал сериозно европско искуство, дојде до финалето по најуспешната сезона во својата историја, во која го освои ФА Купот и избори европски настап, при што елиминираше неколку реномирани противници. Од друга страна, Рајо Ваљекано повторно ја потврди својата репутација на тврд и борбен тим кој игра без притисок, но со висок интензитет и дисциплина, успевајќи да стигне до самиот крај на натпреварувањето и покрај ограничениот ростер и проблемите со повреди.

Финалето дополнително добива на тежина поради фактот што победникот ќе обезбеди пласман во Лига Европа, што за двата клуба претставува огромен спортски и финансиски успех. Иако Кристал Палас на хартија важи за поискусен и поскап тим, Рајо Валјекано во финалето влегува во добра форма и без голем резултатски притисок, што го прави натпреварот целосно отворен.

А, колку за илустрација за квалитетот на екипите што ќе се борат за европскиот трофеј, Рајо е четвртиот тим по пласманот на табелата од Мадрид, зад Реал, Атлетико и Хетафе, додека Кристал Палас е петтата по квалитет екипа од Лондон – зад Арсенал, Брентфорд, Челси и Фулам.