Уште еден клуб се вклучи во трката за македонскиот напаѓач: Миовски може да заигра во ЛШ

На нешто повеќе од три недели пред крајот на летниот преоден рок, македонскиот репрезентативец Бојан Миовски се уште е член на Абердин иако за него интерес покажаа бројни европски клубови.

Минатиот месец беше одбиена понудата од Еспањол, но во игра остануваат Болоња и Саутемптон, а од денеска во игра е и екипа која ќе се натпреварува во Лигата на шампионите. Станува збор за најголемото изненадување во шпанското првенство од минатата сезона Жирона која летово остана без неколку важни фудбалери, вклучувајќи го најдобриот стрелец Артјом Довбик кој се пресели во Рома.

Деталите од понудата на Жирона се уште не се познати, но каталонскиот клуб секако би требало да биде голем предизвик за Миовски, пред се поради тоа што со него ќе може да дебитира во Лигата на шампионите.