Три клуба ја следат ситуацијата на Салах кој можеби веќе го одигра последниот меч за Ливерпул!

Судбината на Мохамед Салах во Ливерпул е неизвесна откако фудбалерот јавно распука по Арне Слот и клубот затоа што беше седнат на клупата за резерви.

Ваквото однесување на Салах е во центарот на вниманието на фудбалската јавност.

Тој беше изоставен од мечот во Лигата на шампионите против Интер, а веројатно ќе го нема и против Брајтон во Премиер лигата откако одби да му се извини на Слот.

Потоа Салах треба да замине на Африканскиот куп каде ќе игра за селекцијата на Египет, а се шпекулира и дека може да направи трансфер во јануарскиот преоден рок.

Доколку се случи тоа, ќе значи дека Салах веќе го одигра последниот натпревар за Ливерпул.

Тој неодамна стави потпис на нов договор според кој заработува 400.000 фунти неделно. Од Ливерпул засега велат дека Салах не е на продажба, но медиумите го поврзуваат со трансфер во Саудиска Арабија.

Во Саудиска Арабија наводно се сомневаат во искреноста на англискиот клуб. Според нив, ваквите пораки се само начин да се сочува високата трансфер-вредност на Салах, па будно ја следат состојбата. Доколку Ливерпул сепак реши да ја отвори вратата за трансфер, три клуба веќе чекаат ред, пишува „Дејли Мејл“ и тоа се Ал Хилал, Ал Кадсија и Неом.