Тони има дијагноза - зависник од обложување, 13 пати се обложил против својот тим!

Фудбалската асоцијација на Англија го објави целиот извештај од случајот против Ајван Тони кој преку 200 пати ги прекршил правилата за обложување, напаѓачот на Брентфорд е зависник од обложување па се спасил од поголема казна.

Ајван Тони доби суспензија од осум месеци откако беше прогласен за виновен за прекршување на правилата (преку 200 пати) за обложување, но казната можела да биде многу поголема, ФА му подготвувала суспензија од дури 15 месеци.

Англичанецот имал многу „гревови“, во 13 наврати се обложил дека неговиот тим ќе изгуби (11 пати на пораз на Њукасл, двапати на пораз на Виган), информирал пријател дека ќе биде стартер на следен натпревар (во март 2018), користел сметки на други луѓе за да става облози, постои сомнеж дека имал втор мобилен од кој се обложувал и никогаш не го пријавил, а на почетокот од истрагата дури и ги лажел луѓето од ФА за обложување на фудбалски натпревари.

Го спасило тоа што на крајот ги признал делата, а психијатар поставил дијагноза дека Англичанецот е зависник од коцкање и сведочел дека му е потребна стручна помош.

Ајван Тони и понатаму продолжува да се обложува на други спортови и игра он-лајн казино, но ветил дека ќе работи на овој проблем во текот на суспензијата од осум месеци.

Од Брентфорд порачаа дека ќе сторат се што можат за да му помогнат на Ајван Тони и неговото семејство за справување со порокот.