Темната страна на модерниот фудбал: Клуб стар 134 години и двоен ФА-куп победник пред згаснување!

Англиски Бјури е еден од клубовите кои имаат најголема традиција на Островот. Стар е 134 години, поранешен е двоен освојувач на ФА-Купот, но во последнава деценија тој никако да исплива од ниските лиги. Моментно игра во третата лига, но како тргнало – можно е повеќе да не постои.

Во ерата на „модерниот фудбал“ во која парите се пресудни за да се изгради гигант, Бјури очигледно не успева да се снајде во Англија, па сега е пред банкрот и згаснување. Закажаниот меч со Транмере поради финансиски проблеми е откажан, а мечот со Шефилд венздеј во Лига-купот го загубија службено.

„Бордот на фиректори на англиската фудбалска лига е разочаран од недостиг на значаен прогрес од страна на претседателот Стив Дејл, кој повторно не достави потребни информации и гаранции дека клубот може да се натпреварува. Ќе продолжиме да соработуваме со актуелното раководство, за да се исполнат сите барања до рокот кој им го доставивме – 23 август. Ако до тој момент, господинот Дејл не најде решение за финансиските проблеми, Бјури ќе биде исфрлен. Ако тоа се случи, лигата ќе продолжи со 23 екипи, а една екипа ќе испадне помалку за следната сезона. Бјури со тоа ќе може да се пријави за новата сезона, но ќе почне од најниските лиги во фудбалската пирамида“, објавија од ЕФЛ.

Навивачите се бесни, зашто клубот има 134-годишна историја во која ниту еднаш не се соочил со вакво нешто, иако имало и добри и лоши периоди. Бесни се навивачите и поради тоа што Дејл одбива да го продаде клубот, заштосмета дека може да го спаси. Инаку овој клуб во минатата сезона беше второпласиран во четврта лига и влезе во Лига 1 (трета лига), но поради финансиски проблеми му беа одземени 12 бода. Ситуацијата не се смени, па сега згаснувањето е повеќе од извесно.