Тажна приказна: Се повлече од фудбалот поради смртта на неговиот брат!
Словенечкиот фудбалер, Кевин Кампл става крај на кариерата на поинаков начин отколку што планирал. Тој осум ипол години мина во РБ Лајпциг. Германскиот клуб го објави неговото заминување.
Тој оваа сезона има само три настапи и тоа од клупата за резерви, а од крајот на септември ниту еднаш не се најде во составот. Причината за тоа е неговата емотивна состојба по смртта на неговиот брат.
Словенецот заминува од фудбалот бидејќи сака во овој тежок период да биде поблиску до семејството.
„Овие месеци беа многу емотивни за моето семејство и за мене, обележани со длабока тага. Болката од ненадејната загуба на мојот брат ми покажа колку е драгоцени времето и колку е важно да се поминува со најблиските. По сите овие години, сфатив дека дојде моментот да се вратам дома, особено бидејќи мојот татко не е во добра здравствена состојба, сакам да поминам повеќе време со него. Време кое никогаш не може да се врати“, се вели во емотивната објава на Кевин Кампл.
„Иако ова е многу тежок чекор за мене, понекогаш одлуките во животот се поважни од фудбалот. Би сакал уште еднаш да истрчам на теренот на нашиот стадион, пред вас, нашите верни навивачи. Не замислував дека на овој начин ќе кажам збогум, но животот некогаш ви носи други приоритети“.