Taбела во Шпанија без ВАР: Реал би бил лидер со голема предност! (ФОТО)

Шпанскиот весник „АС“ објави табела од Ла Лига каква што би изгледала доколку не постоеше ВАР технологијата, и според неа, најголемата промена би се случила на врвот – наместо Барселона, лидер на табелата би бил Реал Мадрид со 76 освоени бодови, што е дури седум повеќе од моменталниот биланс.

ВАР оваа сезона бил користен во 162 случаи, што веќе е повеќе од вкупните интервенции минатата сезона (154) и е на чекор до рекордот од сезоната 2022/23, кога беа забележани 179 интервенции. Техничкиот комитет на судии е под силен оган на критики, особено затоа што претседателот на телото, Медина Канталехо, постојано нагласува дека ВАР треба да се користи само како безбедносна мрежа за очигледни и тешки грешки, а не да се меша во секоја спорна ситуација.

До сега сезонава, ВАР поништил 36 голови поради офсајд, во споредба со само 22 минатата сезона, што е нов повод за незадоволство, особено кај Реал Мадрид и Виљареал, кои последните недели најгласно реагираа на некои спорни моменти.

Од Мадрид не мируваат – имаат поплаки за недосуден пенал врз Белингем, како и поништениот гол на Винисиус поради наводен офсајд на Ендрик во претходната акција.

„Ова е друг свет. Се потсмеваат со фудбалските навивачи, особено со навивачите на Реал Мадрид.

ФИФА не избра ниту еден шпански судија за Светското клупско првенство. Не знаеме дали е тоа затоа што се лоши или затоа што, исто како нас, и ФИФА има сомнежи. Ова е неприфатливо, вистинска срамота, порачуваат од клупската телевизија на Реал Мадрид.