Стадионот уште не е готов: Барселона пак го одложи враќањето на „Камп Ноу“

Градските власти во Барселона соопштија дека стадионот „Камп Ноу“, кој сè уште се реконструира, не е подготвен да прими навивачи ниту со ограничен капацитет поради тоа што не може да се гарантира нивната безбедност.

Барселона планираше в недела да заигра против Реал Сосиедад на култниот стадион пред околу 27.000 гледачи, но засега властите не дозволуваат такво нешто и клубот нема друг избор освен да го одложи враќањето на „Камп Ноу“.

Натпреварот ќе се игра на „Монжуик“, каде што Барселона ќе го пречека и францускиот шампион ПСЖ на 1 октомври во Лигата на шампиони.

„Ја разбираме желбата на клубот да се врати што е можно побрзо на стадионот, но градскиот совет мора да ја гарантира безбедноста на сите посетители. Тоа е приоритет за нас“, велат од кабинетот на градоначалникот.