Продолжи голгетерската серија на Мбапе, Реал е на „шест од шест“ (ВИДЕО)

Килијан Мбапе стигна до бројката од седум гола на шест натпревари во новата сезона откако вечерва со два учествуваше во победата на Реал на гостувањето кај Леванте со 4-1.

Теренот на кој Барса минатиот месец се намачи, Реал лесно го освои, постигнувајќи по два гола во двете полувремиња за најубедлива победа во досегашниот дел од сезоната. Леванте се држеше нешто помалку од половина час, а потоа погодија Винисиус и Мастантуоно за предност од 2-0 за Реал на голем одмор.

Домаќините се заканија преку Ета Ејонг по девет минути игра во продолжението, но сето тоа беше со краток здив. На сцена стапи Мбапе кој прво зголеми на 3-1 од пенал, а кратко потоа ја искористи одличната асистенција на Ѓулер, поставувајќи го конечниот резултат.

Со оваа победа, Реал останува со максимален ефект по шест одиграни кола и како лидер ќе го пречека својот прв сериозен тест оваа сезона - гостувањето кај Атлетико в сабота навечер.