Спалети: Уморен сум, не можам повеќе да му дадам сѐ на Наполи – затоа одам на одмор!

Шефот на Елиф Елмас во Наполи, Лучано Спалети потврди попладнево дека си заминува од клупата на новиот италијански првак, кој под негова палка после 33 години пауза го освои „скудетото“.

Тоа што газдата Аурелио де Лаурентис објави синоќа за заминувањето на Спалети, кој зема едногодишен одмор, денеска го потврди тренерот на Наполи, чиј последен меч на клупата ќе му биде викендов против Сампдорија.

„Понекогаш се разделувате од некого поради преголема љубов. Си заминувам, не останувам повеќе во Наполи. Не постои шанса да го сменам мислењето. Во овој момент не сум во можност да му дадам сѐ на Наполи, кој го заслужува најдоброто, а тоа во моментов не сум јас. Уморен сум и ми треба одмор. Сакам малку да се исклучам од сѐ. Одам на едногодишен одмор, никого нема да тренирам. Уште пред неколку недели им кажав во клубот дека ми треба една година да одморам“, рече Спалети.