Сон проговори за искуството од служење војска: Уживав, иако беше тешко!

Јужнокорејската ѕвезда во лондонски Тотнем, Сон Хјонг Мин служеше воен рок во својата татковина, искористувајќи ја опцијата да ја заврши обврската барем додека трае пандемијата со коронавирус, па сега првпат проговири за неговото искуство како војник.

Во Јужна Кореја се служи војска цели 18 месеци, но заслужните спортисти добиваат „попуст“ особено ако имаат силен придонес за својата држава, а Сон во 2018 година ја водеше својата земја до азиската титула, па си заслужи пократко отслужување на воениот рок.

Службата ја заврши пред неполн месец, по што се врати во Лондон, каде сега се подготвува за продолжение на сезоната во Премиерлигата.

„Беше тоа добро искуство, не смеам да зборувам за тоа што го правев, ама – уживав! Три недели беа тешки, но се обидов да уживам и покрај сè. Тоа што е најважно е дека сите беа љубезни. Не знам како им било на другите, ама мене тие три недели ми беа предолги. Нормално на почетокот не се познававме, ама брзо се спријателивме и тоа е нормално кога сте во соба по десетмина. Работевме заедно, си помагавме еден на друг и сето тоа беше фантастично. Првите два дена, момците со мене не сакаа да разговараат, ама потоа почнаа да се шегуваат и сето потоа беше само уживање“, вели Сон.

Сега пред него е нов предизвик, со Тотнем да стигне до зацртаните цели во рестартот на сезоната закажана за 17 јуни.

„Кога се вратив бев многу возбуден, посебно после отслужувањето на воениот рок. Не знам како другите се чувствуваа, ама мене сите ми недостигаа. Ми беше премногу драго што ги гледам повторно соиграчите. Неверојатно е тоа чувство, кога сите сме заедно и насмеани. Со нив поминувам многу повеќе време отколку со семејството, а начинот на кој ме дочекаа – беше бешто многу емотивно“ додаде Сон.